Обуката за управување со ризик во граѓанските организации им помогна на 17 учесници да ги зајакнат капацитетите на нивните организации за предвидување и управување со ризиците. Таа се одржа на 18, 23 и 26 ноември 2020 година преку онлајн платформата ЗООМ.
На обуката се потенцираше важноста од проценката на ризик, како и воспоставувањето и практикувањето на функционални системи за управување со ризик од страна на организациите. Учесниците низ меѓусебно разменување на информации суштински можеа да увидат која е разликата меѓу управување со кризна ситуација и управување со ризици. Во пракса многу често сме навикнати да гасиме пожари ама не и да направиме систем на предвидување на ризици кои ќе знаеме да ги следиме и на соодветен начин ублажиме во текот на организацискиот развој.
Затоа оваа обука се фокусираше на:
„Обуката за менаџмент на ризици, мене ми помогна во поглед на целата постапка за надополна и целосно завршување на започнатиот регистер на ризици во мојата организација, како и да разберам полесно да го дефинирам ризикот и да направам дистинкција помеѓу тоа, што е реалност со која се соочуваме во организацијата, а што е потенцијален ризик. Јас сметам дека секоја ГО, без разлика на големината, треба да имаат свој регистер на ризици зошто на тој начин полесно ќе ги предвидува настаните и полесно ќе се носи со ризиците. Во тој поглед оваа обука им помогна на ГО полесно да се соочат со проблемите со кој се соочуваат и да подготват иновативни решенија за тоа како истите да ги отстранат во насока да станат целосно функционални ГО.“ – изјави Весна Глигорова, финансиски менаџер во Центарот за управување со промени (ЦУП).
Во рамки на обуката имавме чест да се поврземе со Управата за финансиско разузнавање (УФР) кои во соработка со здружението Конект работат на проценка на ризикот од финансирање на тероризам за секторот на непрофитни организации (НПО). На обуката кратка презентација имаше Искра Дамчевска од УФР која меѓудругото изјави – „Имајќи го предвид значењето за глобалната економија и социјалниот развој, довербата која ја уживаат од поширокото општеството и најранливите категории, програмите и проектите кои ги реализираат во државата и надвор од неа, поради пристапот до значајни извори на средства, поради начинот на дисперзија на средствата за финансирање на проектните активности, воспоставените механизми за надзор и поради др. причини, НПО се изложени на ризик од финансирање на тероризам. За целите на тероризам и неговото финансирање, НПО може да се искористат на повеќе начини и тоа: за собирање и трансферирање на средства, за обезбедување на логистичка поддршка, за поттикнување и регрутирање на терористи и друг вид поддршка на терористичките организации и операции. Како и секаде, така и во РСМ, НПО се изложени на ризик од финансирање на тероризам. Ризикот од финансирање на тероризам ќе се одржува на определено ниско ниво, само ако се спроведуваат мерки кои се ефикасни и адекватно насочени кон тој ризик. Во овој контекст за унапредување на системот на превенција од тероризам, заштита на интегритетот на НПО, зачувувањето на довербата на јавноста и донаторската заедница, РСМ ги продолжува своите активности и работи на донесување на нова Стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам, нов Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и реализирање на понатамошни активности за подигање на свеста на изложеноста на ризикот од финансирање на тероризам во НПО.“
„Обуката за Менаџирање на ризик за граѓански организации е ново искуство за мене. Како Претседател на една организација во подем ова беше одлична можност да размислам за реалните ризици со кои се соочуваме како тим, а кои може да се менаџираат преку добро планирање и нивно навремено и редовно ревидирање. На обуката ги научив категориите на ризици (контекстуални, програмски и организациски), како да ги препознавам и дефинирам и кои контролни механизми и „лекови“ можам да ги применам. Обуката беше одлично искуство како од аспект на теорија така и од аспект на практично работење со различни типови организации од кои научив повеќе за различните потенцијални ризици. Во нашата организација веќе работиме на градење на таа матрица на ризици преку која за идната година ќе знаеме која би била веројатноста и каков ефект би имале потенцијалните ризици врз нашата работа, и најважно од сѐ, колку ризик сме спремни да прифатиме со цел да станеме препознатлив потенцијал во граѓанското општество.“ – изјави Јосипа Ризанкоска од здружението Дијалог – центар за делиберативна демократија.
Поради настанатата ситуација со Ковид-19, методологијата на работа беше комбинација од видео сесии во живо и работа во групи на ЗООМ. Обуката ја водеше Вероника Волдан, консултант за проекти во ЦНВОС – национална мрежа на граѓански организации во Словенија, која има повеќе од 15 години искуство во управување со програми и градење на капацитетите на организациите во Словенија и регионот.
Обуката се реализираше во рамките на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ која ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансирана од Европската Унија.