Автори: Симона Огненовска, Симона Трајковска
Датум: април 2018 г.
ISBN: 978-608-4848-06-6
PDF: izveshtaj-za-sledenje-na-ovozmozhuvachkata-okolina-za-razvoj-na-go-vo-Makedonija-vo-2017.pdf
МЦМС го подготви петтиот извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество. Следењето се заснова на матрицата за следење на овозможувачката околина за развој на граѓанското општество, развиена од претставници на организации членки на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), со поддршка на Извршната канцеларија на БЦСДН и Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ).
Извештајот ги следи состојбите во околината во која дејствува граѓанското општество во рамките на рамките на трите клучни области:
Граѓанското општество во 2017 г. дејствуваше во релативно овозможувачка околина. Политичката криза продолжи да влијае врз граѓанското општество и по одржувањето на парламентарните избори од декември 2016 година, сè до формирањето на новата влада на крајот на мај 2017 г. Во 2017 г. евидентни се две различни полугодија во политичкиот контекст кој се одрази на граѓанските организации, односно првите шест месеци во кои доминираа инспекции, внатрешни контроли и мешање на државата во работењето на организациите, и периодот од јули до декември во кој преовладуваше отвореноста на институциите и вклучувањето на граѓанските организации во процесите на креирање политики.
Основните слободи (слобода на здружување, собирање и изразување) се законски гарантирани и усогласени со меѓународните и европските закони. Меѓутоа, нивното спроведување во практика останува да биде предизвик како и во претходните години. Во 2017 г. забележани се значителен број индиректни видови притисоци, инспекции и оптоварувања во практика од страна на институциите. Инспекциите на организациите кои започнаа по парламентарните избори на крајот од 2016 година, продолжија и во текот на годината. Контролите ги водеа Управата за јавни приходи и Финансиската полиција во 21 невладина организација со цел увид во нивното финансиско работење и изворите на финансирање.
Слободата на собирање остана законски гарантирана. Меѓутоа, предложени се измени во Законот за јавни собири и во Законот за полиција во однос на средствата за разбивање толпа и видеонадзор. До измените овие мерки продолжуваат да претставуваат закана за правото на мирно собирање.
Финансиската околина на граѓанското општество во Македонија остана речиси непроменета. Иако околината во која дејствуваат ГО делумно се подобри со измените во даночната рамка и измените на Законот за персонален данок на доход, сепак останува потребата од измени и во клучните даночни закони кои ја регулираат работата на ГО. Директната буџетска поддршка за ГО продолжува да биде потенцијално значителен извор на финансирање за граѓанскиот сектор, но сепак реформите за подобрување на транспарентоста ѝ се неопходни со цел обезбедување одржливост.
Интензивираната соработка со ГО продолжи кога Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија одржа консултативен состанок со претставници на ГО за ревидирањето на Одлуката за формирање совет за соработка помеѓу Владата и Секторот за граѓанско општество. Можност за подобрување и продлабочување на соработката на Владата со граѓанскиот сектор е актуелниот процес на носење на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2018-2020, која е во тек на подготовка.
За унапредување на вклученоста на организациите во консултативните процеси, изменети беа роковите потребни за консултации на ЕНЕР од 10 на 20 денови, со што на организациите им се олесни можноста за поактивно вклучување. Имајќи предвид дека настана пренос на власта, вклученоста на граѓанските организации во практика, и покрај подобрувањата, и понатаму е ниска. Oткако се формираше новата Влада на 31 мај 2017 г., на Седница на собрание беа разгледани 116 прописи. Од нив 36 закони беа на предлог на пратеници, 1 граѓанска иницијатива, 13 ратификации и 66 нацрт закони на предлог на надлежни министерства. Обврска за консултации со јавноста односно поставување на предлог измените на ЕНЕР имаат само министерствата. Од 66 разгледани закони, 53 нацрт-закони (80%) беа објавени и беа предмет на електронски консултации. Во скратена постапка беа усвоени речиси една третина од овие закони (28% или 19 закони).