Неформалната платформа за транспарентност и отчетност, која е составена од 30 организации, на 10 март 2021 г., одржа работилница за подготовка на Кодекс на граѓански организации. Подобрување на внатрешното работење, наметнување добар стандард во секторот и поттик за постојано подобрување на организациите што ќе доведе до зголемување на довербата на граѓаните и донаторите во граѓанските организации се клучните придобивки за организациите од воспоставувањето и прифаќањето на Кодексот.
Мариа Маринкау, лидер на тимот од проектот „Модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ ја потенцираше важноста на квалитетот на услугите при давањето социјални услуги. Според неа, државните институции веќе ги препознаваат граѓанските организации како даватели на услуги. Покрај тоа, организациите во голема мера им даваат поддршка на групи граѓани и работат на заштита на нивните права и слободи. Затоа, особено е важно е идниот Кодекс да се фокусира на крајните корисници. Маринкау презентираше три модели за квалитет во давањето на социјални услуги кои се применуваат во Европската Унија.
Учесниците во групи, дискутираа за содржината на идниот документ за регулирање на отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации во Македонија. Прашањата за кои се разговараше се однесуваа на областите (под-областите) од организацискиот развој кои би требало да бидат опфатени со Кодексот за да се подобри отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации. Како особено важни, беа истакнати: финансиската транспарентност, ефикасното известување на постигнатите резултати и јасната и отворена комуникација со сите засегнати страни. Покрај тоа, претставниците на граѓанските организации зборуваа и за тоа кој и како ќе го одржува, развива и промовира Кодексот; кои ќе бидат контролните механизми; како ќе се воспостават итн. Тие се согласија дека при подготовката треба да се имаат предвид меѓународните пракси за саморегулација на секторот но, да се внимава да бидат соодветни за нашиот контекст.
Учесниците сметаат дека Кодексот е одлична можност, појдовна точка за граѓанските организации да го промовираат своето добро внатрешно работење и сервисите со кои тие располагаат. Документот не треба да биде декларативен, напротив, организациите треба да го применуваат, ревидираат и надополнуваат. Најбитно е, организациите (без разлика на нивното искуство и големина) да се залагаат за исполнување на принципите на етичкиот кодекс.
Во следната фаза ќе биде промовиран првиот нацрт на Кодексот.
Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“ која е финансирана од Европската Унија.