Повеќе од 60 претставници на граѓанските организации учествуваа на конференцијата што ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) насловена „Дали транспарентноста може навистина да ни помогне? Различни пристапи на ГО за зголемување на транспарентноста“ на 6 ноември 2020 година прeку платформата Зум (ZOOM).
Претставници на четири граѓански организации од Словенија зборуваа за нивните добри пракси поврзани со транспарентноста.
За тоа колку е значајна транспарентноста кога се мобилизираат средства зборуваше Петар Томашич, генерален секретар на Каритас- Словенија. За организација која спроведува социјални програми и собира донации, клучна е довербата која се гради преку транспарентното работење. Според Томашич, важно е да се знае од секое евро донација колку се распределуваат за административни работи, а колку за крајните корисници и тој податок да биде јавно достапен. Кога е во прашање прибирањето средства за организациски програми, потребно е да се комуницираат јасни вредности истакна во своето обраќање Наташа Пошел, директорка на Амнести Интернешнл (Amnesty International Slovenia). Таа истакна дека како организација која работи за заштита на човекови права, во своето работење, исклучиво се финансираат од донации и не примаат државна помош освен за кампањите за образование за човекови права. За транспарентното комуницирање на постигнувањата и јасното следење на ефикасноста на операциите зборуваше Јака Крајнц, генерален секретар на Друштвото на екологисти без граници од Словенија.
Тина Дивјак – раководителка за застапување во Центарот за информирање, соработка и развој на невладините организации (ЦНВОС) зборуваше за „Чарити Навигатор“, алатка која треба да им помогне на организациите да воспостават солидни транспаренти практики. Оценката на организацијата се прави во однос на четири главни критериуми тоа: супервизија на функционирањето на организацијата, потоа стратегиското планирање, финансиското менаџирање и транспарентност. Секоја организација добива оценка како комбинација од овие четири критериуми.
Целта на конференцијата беше да се споделат најдобрите практики од граѓанското општество во Словенија и да се поттикне и подобри транспарентноста во секторот.