Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН), на 1 јули 2021 година, одржа регионална работилница за отчетност на граѓански организации (ГО), насловена: „Размислувања за саморегулацијата на граѓанското општество преку споделување на регионални и глобални искуства“. Настанот го следеа повеќе од 60 претставници на ГО од Балканот и целиот свет, кои виртуелно дискутираа и споделија примери на практики за отчетност на ГО и механизми за самооценување. Работилницата имаше за цел да ја подигне свеста кај ГО во регионот за клучните принципи, можности и предизвици што треба да ги земат предвид при развивање и спроведување на механизмите за саморегулација кои ќе придонесат кон зголемување на нивната ефективност, одговорност и кредибилитет.
Билјана Спасовска, извршна директорка на БЦСДН, ја отвори работилницата со претставување на досегашната работа на мрежата во однос на механизмите за саморегулација и отчетноста на ГО и ги покани учесниците да се вклучат во понатамошната дискусија и да ги споделат нивните искуства кои можат да придонесат кон подобрување на транспарентноста и отчетноста на ГО во иднина.
Потсетувајќи се на искуството за „Глобален стандард“ и „Accountable Now“, Илина Нешиќ, привремена извршена директорка на „Accountable Now“, сподели позитивни примери на практики за саморегулација од целиот свет, посочувајќи како овие процеси влијаат на отчената работата на ГО. Во својата презентација таа се осврна на важноста на механизмите за саморегулација и пошироката дискусија за ефективноста и отпорноста на граѓанското општество, земајќи ги предвид заедничките предизвици како што се намалување на граѓанскиот простор, недостатокот од доверба во граѓанското општество, политизирањето на човековите права и невладините организации, злоупотребата на моќ, и моменталната ковид криза.
Тања Хафнер Адеми, тим лидерот на проектот ЕУ ТАКСО 3, во своето излагање посочи дека напорите за зголемување на отчетноста, саморегулацијата и транспарентноста на ГО се опфатени и со Насоките за поддршка од ЕУ за граѓанското општество 2021-2027. Таа, исто така објасни дека со документот се опфатени новите случувања во Глобалниот стандард, како и потребата од отпорно граѓанско општество со силни капацитети. Во однос на напорите на ТАКСО да ја зајакне отчетноста на граѓанското општество во регионот, Хафнер- Адеми се осврна на досега спроведените обуки како и нивната посветеност да продолжат да го поддржуваат развојот на капацитетите на ГО и во иднина.
Вториот дел од работилницата беше посветен на успешните прикази за креирање и институционализирање на механизми за саморегулација во Албанија и Северна Македонија. Исто така, беа споделени и практични примери за тоа како механизмите за саморегулација можат да придонесат за подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои ги даваат ГО.
Ариола Аголи, раководителка на Националниот ресурсен центар во Партнерс Албанија, со учесниците го сподели искуството кое го стекнале при подготовката на Етичкиот кодекс на Албанските ГО. Во своето излагање, осврнувајќи се на партиципативниот процес при подготовка на кодексот, таа опфати повеќе прашања поврзани со принципите и обврските, структурата за спроведување, промовирањето на иницијативата, како и предизвиците и научените лекции. Некои од главните предизвици со кои се соочиле беа различните заложби на ГО, недостатокот на човечки ресурси и познавање на алатките за самооценување, ковид кризата итн.
Александра Савевска, координаторка на програмата Одржливо граѓанско општество- државно финансирање на ГО во МЦМС, даде преглед на тоа како се одвиваа случувањата во врска со механизмот за саморегулација на ГО во Северна Македонија. Дискутирајќи за потребата од негување на култура на отчетност при креирањето на етичкиот кодекс за Македонските ГО, Савевска потенцираше дека отчетноста континуирано се развива и претставува постојан процес на учење преку кој граѓанското општество ќе успее поефикасно да ги постигне своите цели и мисија. Таа, исто така, разговараше и за предизвиците и за начините како да се продолжи понатаму, фокусирајќи се на комплементарноста со другите иницијативи, постепеното спроведување и потребата од постојано подобрување и ревидирање.
Како последен говорник на работилницата, Марија Маринаку, проектен тим лидер во Ептиса, се осврна на тоа како механизмите за само-оценка можат да придонесат кон подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои ги обезбедуваат ГО. Покрај глобалните димензии во однос на механизмите за само-оценка, Маринаку се фокусираше и на македонскиот процес, како и синергијата, конвергенцијата и комплементарноста на овие два процеси. Таа особено истакна дека покрај тоа што отчетноста на ГО е тесно поврзана и со определени законски обврски за известување кои доаѓаат од надворешни чинител, таа исто така е поврзана и со потребата од демонстрирање на отчетност спрема поединците, особено кога конституентите на ГО се членови на маргинализирани групи на заедници.
Целосното видео од работилницата можете да ги проследите тука.