Обуката за „Лидерски вештини и техники“ овозможи 17 сегашни но и идни лидери на граѓански организации да ги развијат своите вештини и техники за лидерство. Во родова балансирана група се презентираше и потоа дискутираше концептот на лидерство во теорија и пракса со посебен осврт на следните елементи: одговорно лидерството во граѓанските организации (интегритет, транспарентност и отчетност), различни модели на лидерството во организациите и анализа на стилот на лидерство, комуникација, донесување на одлуки, имиџ, кредибилитет и легитимитет, и др. Обуката се одржa на 16 и 17 декември 2019 година во хотел Романтик во Велес.
„Лидерството на граѓанските организации е важен мотор во поттикнувањето на промени во целокупниот развој на општеството. Оттука, континуираното вложување во градењето на човечките капацитети на граѓанските организации е потреба која треба да ги следи актуелните домашни и светски трендови. Обуката за лидерство не е само концепт кој ќе го интегрирам во својот личен развој, туку идеја која понатаму ќе ја споделувам и меѓу соработниците.“- изјави Моника Вељаноска од организацијата Асоцијација за демократски иницијативи- АДИ.
„Обуката за лидерски вештини и техники за преставниците на ГО организирана во Велес од страна на МЦМС, беше од големо значење за мене и за организацијата која ја претставувам. Истата ми овозможи надградување и дополнителни знаења од самата област, кои се корисни во дефинирање и спроведување на организациски развој, но и во тековното организирање и реализирање на активностите. Дефинитивно ваквите обуки придонесуваат во подобрување на лидерскиот статус и го зајакнуваат капацитетот на организациите во целост.“ изјави Тони Станковски од Здружението на граѓани Љубезност.
Во работата се споделија различните искуства и предизвици со кои граѓанските организации се соочуваат во однос на нивното делувањето внатре во организацијата но и во надворешното опкружување. Клучно за надминување и справување со овие предизвици беше истакнато дека е потребно силното и храбро лидерство. За учесниците особено интересна беше сесијата за лидерите како мотиватори на која се дискутираше прашањето – Како лидерите да бидат подобри мотиватори?
Методологијата на работа беше комбинација од теоретско излагање и интерактивно вклучување со практична примена на вежби. Обуката ја водеше Сунчица Саздовска, со 20 години работно искуство во развој на граѓанско општество. Во обуката беа опфатени сите аспекти од принципите на добро управување кои влијаат на работа на организациите.
Обуката се реализираше во рамките на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ која ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансирана од Европската Унија.